Прифатени 45 проекти на конкурсот за креативни индустрии

На третиот конкурс за креативни индустрии избрани се 45 проекти на физички лица  и на граѓански здруженија, меѓу кои и на здруженија за рехабилитација и едукација на лица со посебни потреби. Жирито е во состав од проф. д-р Митко Хаџи-Пуља, Роберт Јанкуловски, Андреј Бартлинг, Александар Ношпал и Беким Мемети

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, истакна дека буџетот за третиот конкурс е  5.400.000 денари и дека се прифатени проекти кои промовираат различни иновативни уметнички форми и кои содржат препознатливи естетски вредности.

– Проектите се од областа на визуелните уметности (графички дизајн, мултимедијален дизајн); индустриски дизајн, дизајн на производи и моден дизајн; развој на нови медиуми; дизајн и интервенција во јавен простор; едукативни обуки и работилници, манифестации, фестивали и конференции/форуми во функција на понатамошен развој и стекнување нови знаења и искуства од областа на креативните индустрии, рече Канческа-Милевска.

Таа посочи дека креативните индустрии во последните години стануваат исклучително продуктивна и профитабилна област која нуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата и талентот и нивно соодветно валоризирање на пазарот. Потсети и на донесената стратегија за креативни индустрии и на организираните  тематски креативни работилници со учество на странски експерти.

Зборувајќи за критериумите за избор на проектите, членот на жирито Митко Хаџи Пуља рече дека проектот „Креативни индустрии“, кој се реализира три години, има влијание кое ги надминува вообичаените производно-економски аспекти и има поширок културолошки и социолошки одек.

Вредноста на овој проект на Министерството за култура, според Хаџи Пуља, е неговата едукативност.

– Иницирање идеја за нештата и спроведување на таа идеја. Педагошкиот аспект за мене е од особена важност. Квалитетот на проектите од година во година расте, како и неговата профилираност и прецизност, рече Хаџи Пуља.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.