Прифатени измените на Законот за заштита на децата во прво читање

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 31. седница ги прифати во прво читање измените на Законот за заштита на децата со кои се дава можност за основање детска градинка за потребите на вработените во компаниите.

Со предлог законот се воведува и електронска апликација за барање за остварување на правото на детски додаток во центрите за социјална работа, која одредба е со одложно дејство.

Со предложените измени во функција на подобрување и подигнување на здравата исхрана на децата во установите за деца, се предлага во Стандардите и нормативите за вршење на дејноста да се утврдат и стандарди за исхрана и оброци.

Пратениците оценија дека се работи за позитивно законско решение со кое меѓу другото ќе им се излезе во пресрет на вработените затоа што нивните деца ќе бидат згрижени во установа во нивна близина. Како позитивни беа истакнати и предлозите што по електронски пат ќе се остварува правото за детски додаток и ќе се воведе здрава исхрана за децата.

Отворањето на детски градинки во близина на компаниите, според пратеникот Влатко Ѓорчев, е потреба особено за вработените во слободните економски зони каде работат голем број луѓе.

Во прво читање беа прифатени и измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кои се дава можност со субвенциите да се пребиваат долговите на земјоделците кон државата и долговите за пашарина, закупнина и за наводнување.

Образложувајќи ги измените, заменик-министерот Ванчо Костадиновски истакна дека тие се направени по барање на земјоделските здруженија.

Со измените се предлага и Агросоветот да се прошири со член од областа на руралниот туризам, а оние што се заинтересирани да вршат неформалните обуки за земјоделците да користат средства од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој.

Демократската партија на Албанците се изјасни дека ќе гласа против затоа што според нив се прави разлика меѓу земјоделците од источниот и западниот дел од државата, на што реагираше пратеничката Силвана Бонева која рече дека не треба да се изнесуваат вакви тези бидејќи проблемите се идентични за сите земјоделци.

Собранието ја почна и расправата за Предлог законот за комплементарна и алтерантивна медицина чија цел, како што појасни заменик министерот за здравство Јовица Андоновски, е да се заштитат пациентите од злоупотреби.

Раправата по оваа точка ќе продолжи утре во рамки на новото продолжение на собраниската седница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.