Прифатниот центар во Гевгелија речиси празен

Мирна состојбата на границата во Гевгелија од македонска страна. Од грчка страна за влез чекаат околу 13.000 мигранти и бегалци.

Во транзитниот прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија од вчера наутро во 6 часот нема влез на нови мигранти и бегалци. Моментално внатре во центарот се наоѓаат десетина лица и надвор околу 70-80 мигранти без целосни документи.

Во текот на ноќта се забележани неколку изолирани случаи на обид за илегален премин од грчка на македонска страна на границата, додека на грчка страна дошло и до неколку помали инциденти и судири меѓу мигрантите.

Засега останува праксата да биде дозволен влез од грчка на македонска страна само на онолку мигранти и бегалци колку што ќе може да влезат во Србија.