Приходот од дуелот на македонските ракометни гиганти наменет за лекување на младиот Борче Јовановски

Македонските ракометни гиганти Вардар и Металург уште еднаш на дело ќе ја покажат својата голема хуманост и општествена одговорност.

Двата тима ќе бидат дел од хуманитарна акција за помош на 16-годишниот Борче Јовановски. Ова момче, кое боледува од ретка генетска болест, мора да оди на лекување во странство.

„Натпреварот од СЕХА лига против Металург, ќе има и хуманитарен карактер. Приходот од продажбата на билетите од натпреварот ќе бидат наменети за операција за Борче Јовановски, роден 15.08.2001, кој мора итно да замине на операција во странство на трансплантација на коскена срж. Шеснаесетгодишниот Борче боледува од ретка генетска болест Бета Таласемија и неговата здравствена состојба се влошува поради што е потребно да замине на лекување во странство“, соопштија на денешната прес-конференција од Вардар.

Дуелот меѓу Вардар и Металург ќе се игра во сабота (на 9-ти декември) во терминот од 20,45 часот, во Спортскиот центар „Јане Сандански“, а цената на билетите ќе изнесува 50 денари и може да се купат преку продажната мрежа на www.ticketplus.mk.

На влезот на салата ќе бидат поставени и кутии за донирање, седства кои исто така ќе бидат наменети за лекувањето за Борче Јовановски.

Воедно и од тимот од Автокоманда најавија дека сите средства од натпреварот помеѓу Металург и Динамо Панчево, закажан за 12-ти декември ќе бидат наменети за оваа хумана акција.