Приходот од мечот Македонија – Северна Ирска за настраданите од поплавите

Фудбалската Федерација на Македонија одреди цена од 100 денари за влезница за натпреварот Македонија – Северна Ирска за репрезентации до 21 година кој ќе се одигра на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје на 6. септември.

Одлуката на ФФМ за поддршка на настраданите од поплавените подрачја ја поздравија репрезентативците на Македонија, Давид Бабунски и Енис Барди.

-Овие недели во Скопје, беше тешко и напнато, но сплотени се издигнавме. Со вашата поддршка за репрезентацијата на Македонија помагате и за поплавените подрачја. И за нас ќе биде и тешко и напнато, но оваа репрезентација покажа дека може многу. Да си помогнеме заеднички, навивајте за Македонија, изјави Давид Бабунски.

Младата репрезентација на Македонија во тековните квалификации има шанса да се бори за пласман на Европско првенство. Во третата квалификациска група Македонија се наоѓа на делба на второто место со репрезентацијата на Франција, а пресметката против Северна Ирска е можеби најважниот натпревар за избраниците на Благоја Милевски.

Селекторот на нашиот национален тим до 21 година идната недела ќе го објави списокот на повикани репрезентативци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.