Пријателите се простуваат од Влада Дивљан

Пријателите и почитувачите на музиката на еден од легендите на југословенската и српската поп-рок сцена Влада Дивљан, кој почина вчера во Виена на 57 години, се простуваат од него оставајќи пораки и коментари на социјалните мрежи, интернет изданијата на белградските весници и електронските медиуми.

Веста за смртта на поранешниот лидер на  Идоли ја потврди издавачката куќа Лонг плеј, наведувајќи дека за времето и местото на погребот дополнително ќе одлучи семејството.

Музичар, композитор, поет, Влада Дивљан остави неизбришлива трага во музичката култура на овие простори, а неговата специфична лирика и љубовни текстови го одбележаа југословенскиот Нов бран во текот на 80-тите години на минатиот век. На порталите и социјалните мрежи во вчера и денеска пријателите и почитувачите на музиката на Дивљан која ја остави зад себе,  и понатаму ги поставуваат негови најголеми хитови од времето на групата Идоли и неговите подоцнежни соло или заеднички проекти.

„Замина прекрасен човек, некој кој многу го сакавме“, пишуваат на социјалните мрежи колегите и пријателите на  Дивљан.

– Навистина ме погоди веста за смртта на Влада. Ми беше добар пријатели и прекрсен човек, навистина голем уметник. Знаев дека е болен, но се надевав дека ќе се извлече. За жал, тоа не се случи и нека му е вечна слава, напиша на Фејсбук, Момчило Бајагагиќ – Бајага.

Срѓан Гојковиќ Гиле, фронтмен на „Електричен оргазам“ за  „Ало“, рече дека е во шок.

– Знаев дека е болен, но се уште сум во шок. Влада и јас бевме многу блиски и на креативното поле, како и на лично. Дури и кога престанавме заедно да свириме, останавме во редовен контакт. Пред се, имам чувство на загуба на голем пријател, рече Гиле.

Додаде дека Дивљан неспорно беше голем музичар.

– Беше еден од најталентираните музичари на нашата генерација и секако дека ова е огромна загуба и за сцената во Србија, па и во целиот регион, затоа што беше познат, признат и почитувн на целата тероторија на поранешна Југославија, рече Гиле и заклучи дека смрттна Дивљан сепак, пред се, е загуба на неговото семејство, неговите два сина и сопругата.

Медиумите ја пренесуваат и изјавата на Зденко Колар, пријател на Дивљан, колега и соработник од неколку бендови, меѓу другото, и од Идоли:

– Морате да разберете… не можам да зборувам. Лично толку многу сум погоден што немам сила збор да кажам за Владе.

Колегата од групата Ван Гог, Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле, рече дека е во шок и порачува дека „Влада на сите ќе ни недостасува“, додека рок новинарот, Душан Весиќ на Фејсбук остави само една реченица:

– Почина некој кој многу, многу го сакав.

– Не можам да верувам дека Влада засекогаш замина. Тој ми беше повеќе од брат. Со децении сме блиски пријатели и некои од најубавите моменти во мојата младост ги поминав во негово друштво. Влада ќе живее низ неговата музика која вечно ќе трае. Тој беше апсолутно во право кога зборуваше дека само љубовта ни е потребна, рече Дубравка Дуца Марковиќ, водителка на поранешната култна емисија Хит на месецот.

Тој остана верен на идејата

Кон крајот на 70-тите години од минатиот век, Дивљан свиреше во џез бендовите на Мерлин и Звук улице, а од 1980 до 1984 година беше лидер на ВИС Идоли, за во 1985 година да почне соло кариера. Меѓу останатите, ќе биде запомнет по хитовите „Маљчики“, „Ретко те виџам са девојкама“, “Док добије киша“, „Малена“ и други.

Оставајќи верен на поп-рокот, почна да се занимава и со филмската музика, па неговите ноти ги одбележаа филмовите „Црниот бомбардер“, Шест дена на јуни, „Три палми за две битанги и риба“ и други. Има објавено и три албуми музика за деца и учествуваше во голем број музички проекти.

Од 1991 до 1999 година живееше во Австралија, а од 1999 година во Виена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.