Пријавени 1.300 бруцоши на Битолскиот универзитет

Пријавени 1.300 бруцоши на Битолскиот универзитет
Пријавени 1.300 бруцоши на Битолскиот универзитет

Околу 1.300 заинтересирани кандидати се пријавиле на првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола. Засега се евидентирани 35 отсто од вкупниот број понудени места за упис.

Како што истакна проректорот за настава на Битолскиот универзитет, професор д-р Сашо Атанасоски, огласени биле 3.803 места и постигнат е идентичен интерес за упис како и во минатата година.

Задоволни сме од реализацијата на првиот уписен рок. Процентот на реализација од 35 отсто ветува дека по вториот и третиот уписен рок ќе имаме очекуван број на студенти во прва година кои би ја достигнале бројката од околу 2.500 студенти и тоа се реалните можности за упис на студенти на прв циклус студии, посочи проректорот Атанасоски.

Новата генерација студенти на Битолскиот универзитет најголем интерес за упис покажала за Факултетот за безбедност во Скопје и Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, потврдуваат од Ректоратот во Битола.

Процентуално и според бројот на пријавени најголем интерес за упис регистриравме за Факултетот за безбедност во Скопје каде пријавени се 217 кандидати и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид каде се пријавени 177 студенти. На останатите универзитетски единици интересот за студирање се движи од 25 до 35 насто што е во рамките на очекуваното ниво. Инаку и оваа година највисоко рангираните студенти ќе бидат ослободени од плаќање партиципација, нагласи Атанасоски.

Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола денеска ги објави и конкурсите за упис на студенти во втор циклус студии (магистерски и стручно специјалистички студии) за што огласени се 1.185 места, како и за трет циклус студии (докторски студии) за што се огласени 111 места за 18 студиски програми.