Македонија

Пријавување штети на насади од ниските температури во Пехчево, Берово и Делчево

Пријавување штети на насади од ниските температури во Пехчево, Берово и Делчево

Општините Пехчево, Берово и Делчево ги повикуваат овоштарите чии овошни насади се уништени од ниските температури кои ги зафатија Пијанец и Малешевијата пред неколку дена, да ги пријават штетите до надлежните одделенија во општините.

Живко Каликов од општина Пехчево информира дека пријавувањето на штетите ќе се врши секој работен ден до 6 мај.

– Покрај барањето, земјоделците треба да достават и фотокопија од лична карта, како и доказ за сопственоста на имотот. Барањето може да се симне и од веб-страницата на општината, рече Каликов.

Ниските температури и мразот во Малешевијата предизвикаа милиониски штети на овоштарите, пред се на насадите со сливи и вишни, но и ореви.

Градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, истакна дека до општината се обратиле мноу засегнати овоштари.

– Како градоначалници на трите општини се договоривме преку јавниот повик прво, да ја скенираме состојбата со штетите. Откако ќе бидат пријавени штетите, комисиите за проценка на штети од трите општини, ќе излезат на терен за да ја утврдат фактичката состојба, по што, ние си земаме за обврска да изработиме елаборат кој ќе биде доставен до Владата, со цел да се издејствуваат средства за обештетување на овоштарите. Станува збор за елементарна непогода која досега не се памети на крајниот исток, истакна Поповски.

Инаку, како што информираа и од Агенцијата за поттикнување на земјоделството од Делчево, во регионот до 100 проценти е уништен родот на сливите, вишните и оревите, а мразот ќе предивика долготрајни штети на овошните насади кои ќе се одразат и на родот во следните години.

Овоштарството е основна земјоделска гранка во регионот на Малеш и Пијанец, каде на површина од над 1.000 хектари има насади со модри сливи.