Пријавување за „Новогодишните бои на Скопје“ до понеделник

Град Скопје потсетува дека во тек е пријавувањето за манифестацијата „Новогодишните бои на Скопје“, со која жителите на главниот град се мотивираат да ги украсуваат своите домови и работни простории и да придонесат во разубавување на празничниот амбиент на градот.

Зинтересираните граѓани и правни субјекти кои сакаат да учествуваат во манифестацијата можат да се пријавуваат до 26 декември на телефонскиот број 3297-265, од 9 до 16 часот.

Жири-комисија составена од претставници на медиумите ќе избира најдобро украсени двор од индивидуална станбена куќа, тераса од стан, угостителски објект (надворешно) и двор на средно училиште.

Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците може да ги испраќаат на интернет-адресата mediumi@skopje.gov.mk или на адреса: булевар „Илинден“ бр.82, со назнака за манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.

Град Скопје и годинава обезбеди награди од 10.000 денари, што ќе им бидат доделени на првонаградените од трите категории. ЕВН Македонија ќе ги ослободи првонаградените во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за декември 2016 година.

Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски со претставници од ЕВН Македонија, на крајот на овој месец.