Песната „Македонско девојче” денес слави 50 години – еве која е приказната за неа

Песната по која најчесто не’ препознаваат е „Македонско девојче”.  Речиси и да не постои човек кој не ја знае, а ретко кој ја знае приказната за оваа песна.

Таа е најпеаната песна од Македонија на сите времиња, како во земјава, така и надвор од неа. Препеана на најмалку 10 светски јазици. „Македонско девојче” се пее и на седенки и на свадби, но и на спортски настани, секаде каде царува убавиот македонски дух.

Малкумина ја знаат приказната за раѓањето на „Македонското девојче”.

„Татко” на оваа прекрасна македонска песна е бардот Јонче Христовски. Тој бил чест гостин во семејството на Виолета Томовска, со која и самиот соработувал. На една од тие средби, кога ќерката на Виолета – Невенка, го славела својот прв роденден, настанала токму оваа песна,  тогаш за прв пат изведена тогаш од Томовска и Кирил Манчевски.

Ете тоа македонско девојче, Невенка Томовска Росоманова, денес слави 50 години.

Велат, кога со љубов и за љубов се создаваат дела, тие се запишуваат во вечноста. И токму во име на љубовта, нејзиниот сопруг, Зоран Росоманов го подготви најнеочекуваното роденденско изненадување. Тој направи реиздание на „Македонско девојче” изведено во несекојдневен стил. Создадено за истата личност, да потсетува на специјалните моменти, со вонвременски печат. Под велот на мистиката, а под закрила на љубовта, Росоманов го собра фантастичниот тим, кој со емоции ја поддржа целата идеја.

Денес, 4 февруари на јубилејниот роденден на македонското девојче –  Невенче, сите имаме убава прилика да уживаме во посебната прилика и заедно да ја слушнеме премиерната изведба на песната.

Ова е само потврда, дека љубовта и желбата, ако се ваш мотив да ги правите луѓето среќни, се ќе стане возможно и остварливо.

Невенка е навистина среќна жена, а и сите ние со неа. Затоа, благодарение на Росоманов, ќе уживаме во „Македонско девојче” уште најмалку 50 години.

Вистинската екипа за безвремениот подарок  е во следниов состав:

Продукција и организација: Зоран Росоманов

Текст: Јонче Христовски

Композитор: Јонче Христовски

Диригент: Бисера Чадловска

Аранжман: Васко Атанасовски

Музички продуцент: Будимка Имери

Во изведба на Весна Гиновска Илкова и Наум Петрески, заедно со хорот и симфонискиот оркестар на МОБ.

За специјалната изведба во комплетирање на приказната, допринесе и виртуозот на гитара Влатко Стефановски, како и препознатливиот Дино Имери на клавир.

Линкот со песната:

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.