Приказните за „Ер Азија“ и „Малезија ерлајнс“ слични, но сепак различни

Засега приказната за летот на „Ер Азија“ QZ8501 во голема мера звучи слично со онаа за малезискиот авион MH370 кој се води за исчезнат повеќе од 10 месеци откако исчезна од радарот помеѓу Куала Лумпур, Малезија и Пекинг. Но, според аналитичарите не се работи за сличен случај, објави денеска Си Ен Ен, пренесува Нетпрес.

Си Ен Ен објавува неколку клучни моменти во кои двете приказни се разликуваат.

Прво, кога малезискиот авион исчезна, транспондерите за идентификација како да беа намерно исклучени, а пилотите престанаа со радио комуникација и авионот направи мистериозно свртување пред да продолжи да патува цели четири часа а потоа да му се изгубат сите траги. Кога станува збор за овој авион, во предвид беа земени и можните теории за напад на авионот или за киднапирање на екипажот, но засега такви информации нема за авионот на „Ер Азија“.

– Во овој случај имавме нормална комуникација со пилотот, а временските услови беа доста отежнати и пилотот побара дозвола да се искачи колку е можно повисоко за да избега од невремето, вели Петер Гоелз, експерт за авијација и претставник на Националниот совет за безбедност во сообраќајот.

Водите во областа каде што се претпоставува дека малезискиот авион потона се исклучително длабоки. Исто така, голем дел од крајбрежјето на овој регион досега никогаш не било обележено во мапите, со што потрагата по авионот дополнително е отежната.

Во случајот со авионот на „Ер Азија“ доколку авионот потонал, најверојатно тој се наоѓа на неколку стотици метри длабочина, а станува збор и за дел од океанските води каде водениот сообраќај е доста густ, поради што пронаоѓањето на авионот е многу поедноставно.

– Со оглед на тоа што регионот каде се губи контактот со авионот на „Ер Азија“ е попрецизно определен, помалата област за потрага и поплитките води ќе придонесат авионот многу полесно да биде пронајден, вели Стивен Валас, поранешен директор на Канцеларијата за истражување на авионските несреќи при Федералната канцеларија за авијација (ФАА).

Според него нема да биде изненадување ако авионот биде пронајден во следните 12 часа од потрагата.