Прилеп: 18-годишниот Хари Наумоски го фати осветениот крст

Денеска напладне на базенот од хотелот „Сонце“ во Прилеп се одржа чинот на фаќањето на Светиот крст по повод Богојавление – Водици.

Годинава учествуваа 67 прилепчани. Меѓу учесниците имаше и две девојчиња од кои едното, 12-годишната Меланија Бошеска е и најмлад учесник. Најстариот учесник беше 70-годишниот прилепчанец Гога Најчески, јавува МИА.

Крстот го фати 18-годишниот Хари Наумоски, ученик во спортската гимназија при средното училиште „Ристе Ристески – Ричко“.

– Многу сум среќен и очекувам убави работи да ми се случуваат годинава, изјави Наумоски.

Од организаторот локалната самоуправа и од црквата за подарок Наумоски доби телевизор и златен крст.

По повод Богојавление – Водици градските власти на Прилеп во х.„Сонце“ ја одржаа шестата традиционална донаторска конференција со бизнис секторот и институциите во градот. Парите се наменети за изградба на камбанаријата на црквата „Св. Петка“ во прилепската населба Точила, рече градоначалникот Марјан Ристески.

– Ова многу им значи на прилепчани. Црквата се изгради по стотина години откако последно се градел православен храм во Прилеп. Внатрешно е уредена, се фрескоживописува и сега треба да се соберат средствата за изградба на камбанарија, изјави Ристески.