Прилеп испрати конвој со 150 луѓе и помош за поплавените во скопско

Општинскиот кризен штаб од Прилеп и локалната самоуправа рано утринава упатија помош во човечки ресурси и механизација до зафатените подрачја од поплавите во скопско.

Како што информираат од локалната самоуправа, во акцијата се вклучени над 150 луѓе од јавните комунални претпријатија од Прилеп од ЈП за Просторно и урбанистичко планирање, од Македонски шуми – „Црн Бор“- Прилеп, екипи од противпожарната единица, од Македонија пат од прилепската подружница, од Службата за итна медицинска помош и работна сила од Тутунскиот комбинат.

Според градоначалникот Марјан Ристески, со овој конвој во два камиони од „Македонија пат“ е испратена и хуманитарната помош во вода, храна, средства за хигиена и детски памперси, која вчера прилепчани ја собираа на пунктот кој го постави локалната самоуправа во организација со Црвениот крст од Прилеп.

1pp

– Ја испраќаме помошта која сметаме во овој момент е најпотребна во поплавените подрачја. Во координација со Центарот за кризи од Скопје доколку е потребно и во наредните денови Прилеп ќе помага со човечки ресурси и механизација. Ги повикувам сите оние кои сакаат да помогнат да се пријават во локалната самоуправа, рече Ристески.

Граѓаните можат да донираат и парични средства преку телефонскиот број за донации 143 400.