Прилеп со новиот канализациски систем до целосен третман на отпадните води

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески денеска изврши увид во градежните активности на новиот канализациски систем во Прилеп, којшто се гради со средства од ИПА фондовите и 30-процентно учество на Владата на Република Македонија.

Според Ристески, Прилеп е еден од ретките градови во Македонија кој ќе има целосен третман на отпадните води со пречистителна станица со што комплетно ќе се исчисти Градската река која во моментов е загадена и нема жив свет.

Тој посочи дека првата фаза од изградбата на канализацискиот систем во Прилеп била во должина од 23 километри, а во втората фаза ќе се градат 47 километри. Со неа се опфатени повеќе населби во кои воопшто немало канализација или канализацијата била изградена пред 50 години и била со нестандардни димензии. Сега во градот канализацискиот систем се сепарира посебно да биде фекалната, а посебно атмосферската канализација.

Првично беше предвидено инвестицијата за изградба на канализацискиот систем да чини 30 милиони евра, но со тендерите се намали на 26 милиони евра. Работите ги изведува компанијата Фајфер, а третата фаза ќе ја изведува бугарската фирма Комстрој, рече Ристески.

Груевски и Ристески го посетија и прилепското село Големо Коњари каде се градат улици и плоштад со средства обезбедени преку Агенцијата за поддршка на руралниот развој. Во моментов се направени улици со програмата на Агенцијата од 2013 година, а наскоро ќе почнат и со новата програма од 2015 година. За реконструкција на улиците во селото и за изградба на канализација, пречистителна станица и нов плоштад се вложени околу 30 милиони денари. Во Коњари се изградени 800 метри нови улици.

Градоначалникот Ристески најави дека за годинава е планирано да се изгради и детска градинка за што веќе се обезбедни средства, а претходно било реновирано и основното училиште.