Прилеп е под вода, патот Тетово-Попова Шапка во прекин (ВИДЕО)

Во попладневните часови подрачјето на Пелагонија беше зафатено од силно невреме. Прилеп е под вода, а во северниот дел од Пелагонија, Долнени имаше интензивни поројни врнежи од дожд, силни електрични празнења и ветер, а според радарските слики можна е и појава на град.

Во моментов интензивни процеси има во битолскиот дел од Пелагонија и во Штип, каде има силни електрични празнења, интензивен пороен дожд и силен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Поради поројните дождови и силни грмотевици што зафатија делови од пелагонискиот регион и штипско-кочанската област како и во прилепско, освен тоа што Прилеп е под вода, најкритично е во Тетово. Реката Пена е пред излевање. Поплави има по улиците и во градот.

Граѓаните од тие делови на земјава сведочат за пороен дожд, поплавени улици, земјоделски површини, уништени земјоделски производи.

Поради обилни врнежи во селото Доброште во 18 часот дошло до излевање на реката, по што регионалниот пат Тетово-Јажинце и обратно е во прекин, соопшти АМСМ.

Поради свлечишта и камења на патот, патниот правец Тетово-Попова Шапка е во прекин.

До крајот на денот на повеќе места ќе се задржи нестабилно и облачно време, со поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите можат да бидат поинтензивни и во форма на невреме со силни електрични празнења, интензивни врнежи, како и појава на град.

 

Невреме во Дојран. Пороен дожд, грмежи и засилен ветар имаше на повеќе места во северните, источните и југоисточните делови од државата.