Прилепчанец 8 години живеел со заборавена газа по операција

На 69- годишен  прилепчанец  пред 6 дена му откриле газа во грлото стара 8 години. Според информациите, лекарите газата претходно ја заборавиле кога тој се оперирал од карцином на субмадибуларна жлезда во ноември 2010 година на Максилофацијална хирургија во Скопје.

Состојбата на Сотир Петрески се влошила пред околу 5 месеци и живее во големи болки, а примил и две хемотерапии.Според неговите блиски пред Велигден му пукнала старата рана и дури тогаш во прилепскаската болница итно го оперирале и му ја пронашле газата.

– Срамота е ова што се случува во нашите болници, како може лекарите и целиот персонал да не гледаат што работат и да видат што има внатре пациентот. Му  даваа само лекарства, цела пензија давав за тоа. И што му помогна тоа ништо. Сега кога излезе ова му се олесни на човекот. Гној му течеше премногу, јас бев на лице место таму, сопругот мој плачеше од болки кога му ја вадеа газата – вели Илка Петреска, неговата сопруга.

Од одделението за максилофацијална хирургија во Прилеп го потврдија случајот, но не сакаа повеќе да коментираат. За ова Петрески имаат фотографи и документ од прилепската болница.

Според неговата сопруга Петрески сега е подобро, но вели дека наскоро планира да поднесе тужба против Максилофацијална клиника во Скопје за овој случај.