Прилепчанец без дозвола пријавил три лица и им оневозможил да се самовработат

Кривична за прилепчанец, кој без согласност пријавил три лица и им ја одзермал можноста да ја користат мерката самовработување.

Кривична пријава е поднесена против Љ.К. (53) од Прилеп и правниот субјект „Аванти Ин Кисела“ ДООЕЛ-Прилеп. Пријавените се товарат дека сториле кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“.

Како што информира МВР, Љ.К. на 15-ти септември минатата година , во просториите од Агенцијата за вработување се претставил како овластено лице од управителот на пријавениот правен субјект и побарал да аплицира за финансиска поддршка на правни субјекти за отварање на нови работни места.

Љ.К. дал податоци за три лица без нивна согласност и знаење и за истите изготвил документи за пријавување по што пријавата била заведена во Центарот за вработување во Прилеп за понатамошно постапување.

Откако биле готови договорите за вработување му биле доставени на пријавениот кој ги потпишал во име на лицата скратувајќи им го притоа правото да можат да ги користат поволностите за самовработување.