Прилепчанец креирал лажел Фејсбук профил и мамел деца да се сликаат голи

Основното јавно обвинителство – Прилеп започна постапка против 30-годишен прилепчанец кој се сомничи за сторено кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193-а ст.3 во врска со ст.2 од Кривичниот законик.

Според кривичната пријава доставена од МВР – Полициска станица Прилеп, за лицето постои основано сомнение дека од втората половина на 2012 година до 10.08.2016 година преку компјутерски систем набавувал за себе и поседувал детска порнографија.

Тој на социјалната мрежа Фејсбук регистрирал лажен профил со лажно име, на кој на насловната страна поставил фотографија од девојче од Република Хрватска како наводен корисник и преку тој профил остварувал електронски контакти со деца. Притоа ги намамувал да се фотографираат по долна облека и голи, да ги фотографираат интимните делови од телото и направените фотографии да му ги доставуваат преку електронска комуникација.

Фотографиите подоцна ги симнувал и ги складирал во неговите компјутери, каде што складирал и видео клипови со детска порнографија. Осомничениот во одредени ситуации со децата со кои остварувал контакти преку електронската комуникација барал да остварат и непосредни контакти со намера со истите за одредена парична награда да оствари полови дејствија.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот.  Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.