Прилепчанец се давел во канал за наводнување

Прилепчанец се давел во канал за наводнување кај кавадаречкиот комбинат „Фени“, a негов колега дваесет минути се борел со водата за да го спаси.

Дваесет и тригодишниот Д.Р. од Прилеп во вторникот дваесет минути се борел со водата во канал за наводнување за да го спаси својот 59-годишен колега Л.М. од Неготино, кој претходно при трасирање на гасовод, во атарот на селото Шивец, паднал во отворениот канал и почнал да се дави.

Настанот денеска за МИА го потврди портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, кој појасни дека двете лица се вработени во градежното претпријатие „Гранит“ Скопје.

„Вршеле трасирање на гасоводот во атарот на селото Шивец, во близина на топилница „Фени индустри“, при што Л.М. паднал во водите на отворениот канал за наводнување и почнал да се дави. Во водите скокнал Д.Р. за да го спаси и по дваесетминутна борба со водата двајцата успеале да излезат од каналот, информираше Додевски.

Двајцата биле пренесени во Јавната здравствена установа Општа болница Кавадарци, каде Л.М. бил донесен во тешка општа состојба и по укажаната медицинска помош бил задржан на лекување, додека по извршениот лекарски преглед, Д.Р. бил пуштен на домашно лекување.