Македонија

Прилепчани ќе произведуваат системи за климатизација на автомобилски седишта

Прилепчани ќе произведуваат системи за климатизација на автомобилски седишта

Новата американска инвестиција во Прилеп според првичните најави ќе обезбеди 1000 нови вработувања, а тоа само по себе ќе значи и сигурна егзистенција за 1000 семејства во Прилеп. По шест месеци преговори, американска компанија од Детроит одлучи своите бизнис планови да ги прошири со инвестиција во Македонија. Според првичните најави фабриката ќе се гради во Технолошко индустриската развојна зона Алинци, а ќе произведува системи за затоплување и климатизација на автомобилски седишта.

„Гентерм“ е лидер на светскиот пазар кој развива иновативни технологии за термален менаџмент.

Компанијата соопшти дека во првата фаза планира да изгради објект од околу 6.000 метри квадратни и дека фабриката ќе биде отворена во последниот квартал од 2015-та година. Новата фабрика ќе ја произведува целата линија на системи за комфор во автомобилски седишта на „Гентерм“ и индустриски производи. По три години се очекува оваа инвестиција да обезбеди вработување за 1.000 луѓе.

Фабриката ќе се гради во близина на Прилеп, во технолошко индустриско развојната зона во месноста Алинци. Во општина Прилеп има вкупно три технолошко индустриски развојни зони. Двете развојни зони се веќе готови и функционираат, но станува збор за помали  зони кои се наменети првенствено за домашните инвеститори. ТИРЗ Прилеп во месноста Алинци опфаќа површина од околу 100 хектари.

Од општина Прилеп и од подрачната единица на Агенцијата за вработување информираат дека поради новите законски измени во рамки на кои примателите на социјална помош задолжително мора да се пријават во Заводот за вработување бројот на невработени лица е зголемен и изнесува 16 200 луѓе, од кои 8 400 се активни баратели на работа. Но, во последните денови, откако беше најавена новата инвестиција се поголем број прилепчани се пријавуваат во Заводот со надеж дека ќе најдат работа во новата фабрика на „Гентерм“. Новата американска инвестиција во Прилеп според првичните најави ќе обезбеди 1000 нови вработувања, а тоа само по себе ќе значи и сигурна егзистенција за 1000 семејства во Прилеп.

genterm_zatopluvawe_sedi[ta„Гентерм“ е глобален лидер во производството на технологии за термален менаџмент со широка палета на производи за затоплување и разладување и апликации за термална контрола. Производите од автомобилската индустрија вклучуваат системи за затоплување и разладување на автомобилски седишта, држачи за чаши, за загревање и за вентилација на седишта, системи за затоплување на автомобилски ентериер (за затоплување на седишта, волани, држачи за раце и други компоненти), кабелски системи и други електронски системи.

Во палетата на производи на Гентерм кои обезбедуваат комфор во автомобилските седишта опфатени се системите за затоплување на автомобилски седишта и системите за климатизација на седиштата кои што се прилагодуваат на променливите потреби на возачите и патниците.

klimatizer

Системите за климатизација на автомобилски седишта не дозволуваат да се акумулира топлина помеѓу седиштето и возачот и патниците во лето, а во зима обезбедуваат топла средина во автомобилот.

Претседателот и извршен директор на компанијата Даниел Р. Кукер забележа дека местото за изградба на компанијата е доволно големо за да ги задоволи потребите за проширување и очекуваниот пораст на работата на компанијата во Европа.

– Наши потрошувачи се сите поголеми автомобилски компании во светот и нашата палета на производи продолжува да се шири, така што од голема важност е да имаме глобална мрежа на компании, изјави тој, додавајќи дека Гентерм веќе поседува други производствени фабрики во Украина, Мексико, Лангфанг, Кина и најновата компанија за електронски компоненти во Шензен, Кина.

– Веруваме дека Македонија ни обезбедува конкурентна средина за понатаму да ги продолжиме нашите амбиции за раст во Европа и во светот воопшто.

Премиерот Никола Груевски вчера истакна дека оваа инвестиција е една од побрзо договорените, нагласувајќи дека се работи за голема компанија чие европско седиште е во Минхен, има фабрики на повеќе континенти и вработува над 8.000 лица.

– По разговорите што ги имавме со нив одлучија да градат фабрика во Прилеп за греачи на седишта за автомобили и волани за автомобили. Планираат во првата фаза да вработат 1.000 луѓе, но нивните планови се и понатаму да продолжат, така што можно е да стигнат и до 2.000 луѓе. Она што засега го гарантираат е дека ќе изградат фабрика со 1.000 вработувања, посочи Груевски.

Во преговорите, како што истакна премиерот, биле вклучени промоторите од Холандија и Минхен, неговиот советник за странски инвестиции Алек Никовски и директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.