Прилепските тутунари сé уште ги очекуваат субвенциите, Владата молчи

Прилепските земјоделци и тутунари побараа во петокот одговор од надлежните институции во нивниот град за тоа зошто сé уште немаат земено субвенции и апелираат до новиот министер Љупчо Николовски да дојде и лично да ги посети.

„Дојдовме тука да прашаме зошто сé уште немаме земено субвенции, а добивме информација дека никој ништо не знае и сите ги креваат рамениците, а ние нашиот труд и пот сме го дале“, велат земјоделците.

Го потсетија новиот министер Николовски, како што најавил пред една седмица, да ги исплати субвенциите на стотиците  земјоделци и апелираат тој да дојде во Прилеп и да види како се обработува тутунот.

„Проблемот е што сега тутунот се бере и потребни се нови материјали како најлони, скелиња, конци и сл. А некои од тутунопроизводителите имаат и свои работници и овие субвенции им се добредојдени бидејќи има некои кои немаат други приходи, пензии или социјална помош“, рекоа прилепските тутунари.

Олеснителна околност според земјоделците е тоа што од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ субвенциите изнесувале 60 денари додека пак од претходната од СДСМ тие изнесувале само 30 денари.