Примени нови 90 професионални војници во АРМ

Шест од 90 новопримени војници се жени, а една од нив ќе биде дел и од Полкот за специјални операции.

Честитајќи им на новопримените професионални војници, министерот за одбрана Зоран Јолевски им порача дека униформата на АРМ претставува гордост и престиж за секој граѓанин на Република Македонија.

Во изминатиот период вие поминавте низ ригорозен процес на селекција и докажавте дека сте најдобри меѓу најдобрите. Вие имавте силна волја, мотивација и желба да бидете избрани и да ја носите униформата на Армијата на Република Македонија, рече Јолевски. Нагласи дека треба да работат посветено, чесно и хумано.

Министерот за одбрана истакна дека годинава АРМ ќе го прослави својот 25 роденден.

Сите овие години, од почетокот па до денес, упорно и посветено ја градиме Армијата која ќе биде подготвена за заштита на националниот и територијалниот интегритет на Република Македонија и да ги изврши своите други уставни функции, рече Јолевски. Додаде дека  храброста, патриотизмот, обученоста, чесноста и одважноста се препознатливи и ценети за припадниците на АРМ.

Со денешната промоција на девет нови професионални војници во специјалните сили, како што рече, се подобрува квалитетот и на Полкот за специјални операции.

Главниот наредник Миле Донев истакна дека новите професионални војници поминале месец и половина во Армијата, обука во нивните матични единици.

Со завршувањето на заедничката обука не завршува војничкото надоградување. Патот до висококвалитет борец и припадник на АРМ е долг и макотрпен, полн со бројни предизвици и само добро обучен и храбар војник може да се справи со денешните многубројни закани по одбраната и безбедноста на Република Македонија, рече Донев.

На свечениот прием на новите професионални војници присуствуваа претставници на Министерството за одбрана и на АРМ.