Примерокот на Дејтонскиот договор пронајден на Пале не е оригинал

Експертизата што ја извршило Министерството за внатрешни работи на Република Српска, констатира дека примерокот на Дејтонскиот договор, што беше пронајден на 31-ви октомври во домот на локален полицаец во Пале крај Сараево, сепак, не е оригинал.

Министерството соопшти дека пронајдениот документ ќе биде доставен до Окружниот суд во Бања Лука.

Документот го пронајдоа припадници на Одделот за борба против организирниот криминал на полицијата на Република Српска, по апсењето на полицаецот Жељко Кунтош, откако тој се обидел да го продаде за 100.000 конвертибилни марки (околку 51.000 евра), тврдејќи дека станува збор за оригинална верзија на Дејтонскиот договор.

Договорот, со кој беше ставен крај на Војната во Босна и Херцеговина, беше потпшан во декември 1995 година од страна на тогашните претседатели на БиХ, Србија и Хрватска, Алија Изетбеговиќ. Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман. 

Властите во Сараево и во Белград досега во неколку наврати истакнуваа дека не поседуваат оригинална верзија на Дејтонскиот договор.

Информацијата дека босанскиот примерок од оригиналниот документ на Дејтонскиот договор е „загубен“, прв ја објави во 2008 година тогашниот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.

На почетокот од ноември беше објвено дека е уапсен Жељко Кунтош, некогашен припадник на обезбедувањето и близок соработник на Драган Калиниќ, поранешниот претседател на Народното собрание на Република Српска.

Четириесети и осумгодишниот Жељко Кунтош од Пале, кај кого е пронајден оригиналниот примерок од историскиот договор со кој во 1995 година беше запрена три и пол-годишната крвава војна во Босна и Херцеговина, беше уапсен откако полицијата добила дојава дека тој документ планира да го препродаде, па на основа на судски налог го уапсиле а во текот на претресот на куќата во којашто живеел откриле и примерок од договорот на кој се оригиналните потписи на поренешните претседатели на Хрватска и тогашната СР Југославија, Фрањо Туѓман односно Слободан Милошевиќ, како и на поранешниот претседател на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ.

Истрагата за целиот случај ја презема Обвинителството на Република Српска, коешто требаше да утврди како точно Кунтош успеал да го набави оригиналниот примерок од Дејтонскиот договор и кому тој воопшто му припаѓа. Кунтош во меѓувреме беше пуштен да се брани од слобода.

По апсењето се појавија различни нагаѓања, бидејќи не е јасно дали станува збор за примерок наменет за властите на БиХ или, пак, на Србија, имајќи предвид дека ниту во архивите во Сараево, ниту во архивот во Белград, таков документ не постои.

Својот примерок на сигурно го чува само Хрватска, додека во случајот на БиХ тој не стасал до ниту една државна институција, а во Србија претпоставуваат дека нивниот примерок „исчезнал“ во 2000 година во текот на соборувањето на Слободан Милошевиќ.

Миро Лазовиќ, претседател на Собранието на БиХ до 1996 година и уште еден од живите учесници на мировните преговори од 1995 година, исто така, сметаа дека веројатно е оти на Пале е пронајден примерокот од договорот наменет за Србија.

Таквиот заклучок го изведува од фактот што Кунтош бил возач на Драган Калиниќ, поранешен претседател на парламентот на Република Српска. Покрај тоа, Кунтош престојувал и во Париз кога во декември истата година беше објавено формалното потпишување на документот за договореното во Дејтон, а таму присуствувал како телохранител на Алекса Буха кој тогаш беше на позицијата министер за надворешни работи на српскиот ентитет во БиХ. Некои медиуми наведуваат дека Кунтош уште е припадник на министерството за внатрешни работи на Република Српска.

Освен за БиХ, Србија и Хрватска, по еден примерок од Дејтонскиот договор е составен и за владите на САД, Германија, Франција, Велика Британија и Русија чиишто челници тогаш беа сведоци на потпишувањето на документот.

Оригиналот на англиски јазик во случајот на БиХ, пак, има посебна тежина, бидејќи во договорот е јасно истакнато дека во случај на какви и да се спорови околу содржината и нејзиното толкување предност над формулациите над босанскиот, српскиот или хрватскиот ќе има токму примерокот на англиски јазик.

Кога во 2008 година во Сараево се покажа дека не знаат каде им е оригиналниот примерок од Дејтонскиот дооговор чиј еден од анексите е и уставот на оваа држава, беа принудени да бараат од Франција фотокопија од нејзиниот примерок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.