Примирје меѓу Украина и Русија!?

Украинскиот претседател Петро Порошенко постигна договор со рускиот претседател Владимир Путин за „трајно примирје“ во источноукраинскиот регион Донбас, информира прес-службата на Порошенко, пишува Дојче Веле.

„Постигнато е заемно разбирање во однос на чекорите кои ќе овозможат воспоставување на мир“, стои во изјавата од кабинетот на Порошенко, во која се додава дека тој и рускиот претседател разговарале преку телефон.

И канцеларијата на Путин го потврди телефонскиот разговор, но не го споменува зборот „примирје“. Портпаролот на Путин, Димитриј Песков, сепак рече дека погледите на двајцата претседатели за тоа како да се реши конфликтот „значително се преклопуваат“. Ни канцеларијата на Путин, ниту онаа на Порошенко не соопштува кога се случил телефонскиот разговор. Песков ја даде изјавата од монголскиот главен град Улан Батор, каде Путин е во официјална посета.

Пред една недела Путин рече дека не може да се согласи на какво било примирје, бидејќи Русија нема ништо заедничко со конфликтот во кој се вклучени проруски сепаратисти и украинските безбедносни сили.