Примирјето на хартија но не и на дело: Осум украински војници убиени во минатото деноноќие

И покрај тоа што вчера во Минск беше потпишан договор за примирје, осум украински војници се убиени, а 34 се повредени во борбите со сепаратистите во Источна Украина во последните 24 часа, изјави портпаролот на војската во Киев, пренесе Ројтерс.

-Во Донбас (источна Украина) немаше мирна ноќ. Непријателот ги држеше позициите со истиот интензитет како и претходно, изјави портпаролот.

Според неговата изјава, борбите биле исклучително интензивни во регионот во околината на Дебалтсеве, каде се наоѓа главната железничка раскрсница која ги поврзува двата бунтовнички региони.

Во овој регион сепаратистите користеле ракети и артилерија во нападот на владините сили кои го држат градот.