Примирјето во Газа завршува без договор

Примирјето на подрачјето на Газа, кое е во сила речиси од почетокот на минатата недела, завршува денеска. И додека судирите во текот на изминатата недела се смирија, останува прашањето што ќе се случи откако примирјето ќе заврши, бидејќи мировните преговори меѓу Палестинците и Израелците во Каиро засега не дале резултат.

Набил Саат, палестински претставник, вели дека нема надеж дека преговорите ќе завршат со договор.

– Не напредуваме баш најдобро, што не дава причини за оптимизам – вели тој.

Преку преговорите во Каиро, двете страни со денови се обидуваат да ги решат несогласувањата кои веќе со децении предизвикуваат големи судири и илјадници жртви.

Израел бара повлекување на Хамас од подрачјето на Газа и предавање на оружјето што го поседува.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел до самиот крај ќе ги брани сопствените интереси.

Од друга страна, Палестинците не сакаат да се согласат да го предадат оружјето сè додека истото не го сторат и израелските војници.