Принц Вилијам: Кралските обврски ги разбирам мошне сериозно

Британскиот принц Вилијам денеска изјави дека кралските обврски, што му припаѓаат како на претендент на престолот, ги разбира и ги прифаќа мошне сериозно и со целосна одговорност.

– Но, работата е во тоа да се најде сопствен начин и вистинско време за сето тоа, вели принцот, во интервју за Би-Би-Си.

Изјавата на Вилијам претставува реакција на бројните јавни критики изминатите месеци за тоа дека тој заборава на својата улога како иден британски крал.

Во интервјуто тој вели дека не ги игнорира критиките на негова сметка, но дека сепак не ги зема ниту при срце, уште еднаш посочувајќи на своите обврски, како пилот на хеликоптер и како сопруг и татко.

– Татко ми, принцот Чарлс и баба ми, кралицата Елизабета, ми даваат целосна поддршка околу тоа што јас се уште не сум целосно ангажиран со кралски обврски, вели Вилијам, објаснувајќи дека „кога ќе дојде време“ целосно ќе се ангажира со монархистичките обврски.

Интервјуто на војводата од Кембриџ, како што гласи сегашната официјална титула на Вилијам, доаѓа пред утрешниот јубилеен 90-ти роденден на кралицата Елизабета.

Нејзниот внук и оддава огромно признание за, како што вели, нејзината целосна посветеност за доброто на монархијата.

– За мене, таа е одличен пример како треба да биде еден монари, изјави принцот Влијам во интервјуто за Би-Би-Си.

Принцот Вилијам е вториот по ред претендент на престолот, по неговиот татко, престолонаследникот Чарлс. Зад Вилијам се неговите две деца, синот, принцот Џорџ и ќерката, принцезата Шарлот, а потоа принцот Хари, помладиот син на принцот Чарлс.