Принцот Фелипе стапи на шпанскиот престол

Принцот Фелипе стапи на шпанскиот престол ноќеска на полноќ, откако кралот Хуан Карлос го потпиша законот со кој тој и формално абдицираше, предавајќи му ја круната на својот син.

Церемонијата на потпишувањето на законот започна во 22 часот, во присуство на само 160 гости и членовите на кралското семејство. На церемонијата присуствуваше и шпанскиот премиер Мариано Рахој.

Новиот шпански крал, формално ќе положи заклетва денеска во Парламентот. Тоа ќе биде првата кралска транзиција во земјата по обновата на демократијата во 1975 година.

Според шпанскиот протокол денешната заклетва повеќе ќе наликува на прокламација за устоличувањето на новиот крал, отколку вистинско крунисување, иако за оваа церемонија ќе бидат донесени шпанската кралска круна од 18. и кралскиот скиптар од 17. век.

Двете главни шпански политички партии ја подржуваат монархијата и го помогна процесот на транзиција на престолот, од кралот Хуан Карлос на неговиот син, принцот Филипе, иако дел од крајната левица и некои антимонархистички групи и организации заговараат враќање на републиканското уредување од дваесетите и триесетите години на 20 век.

Хуан Карлос (76) ја најави својата абдикација минатиот месец, но бидејќи шпанскиот Устав нема предвидено пренос на кралската круна, беше покрената постапка за донесување нов закон, со кој се регулира кралската транзиција.

Синоќешниот кралски потпис на законот за да тој стане правосилен го означи и завршувањето на 39 годишното владеење на Хуан Карлос. На престолот тој дојде веднаш по смрта на Франциско Франко и во изминатите, безмалку четири децении кралот има голема заслуга за обновата и зацврстување на демократијата во Шпанија.

Храбро се спротивстави на обидот на крајната десница во 1982 година, со за воен удар да предизвика враќање на автократијата, а силно се спротивствуваше на сите облици на сепаратизам во земјата.

Неговото абдицирање беше примено се изненадување во домашната јавност, иако не беше неочекувано, поради здравствените проблеми со кои се соочува остарениот крал последниве години, како и поради намалувањето на угледот на кралското семејство поради корупцискиот скандал, во кој се вмешани ќерката и зетот на Хуан Карлос.