Припадниците на АРМ ги отпочнаа своите активности на „Saber Guardian 17“ (ФОТО)

Со свечена церемонија во вторникот беше означен почетокот на меѓународната воена вежба „Saber Guardian 17”, припадниците на Армијата на Република Македонија официјално отпочнаа со извршување на задачи нa воените полигони во Романија и Унгарија.

АРМ со седумдесет и еден свој припадник од составите на баталјонот на воена полиција, инженерискиот баталјон, баталјонот за специјални намени и припадници од балканските медицински сили се подготвени да ги демонстрираат своите способности и интероперабилноста со партнерските вооружени сили.

Припадниците на АРМ ќе изведуваат воени задачи заедно со составите на 709-от воено полициски баталјон, 2-от Инженериски сквадрон и 30-та медицинска бригада на Вооружените сили на САД, како и со борбената група за специјални операции под команда на Унгарија.

Низ неколку фотографии доловуваме мал приказ од отварањето на вежбата и дел од активностите на водот на воена полиција на АРМ при нивното патување до крајната дестинација, воспоставување на базниот камп во близина на Валчеа, Романија и првичните задачи во патроли и контролни точки согласно зададеното сценарио.

Вежбата „Saber Guardian 2017“ е досега најголема мултинационална воена вежба во Црноморскиот регион, организирана и предводена од Армијата на САД во Европа која се изведува на териториите на Унгарија, Романија и Бугарија и на која учествуваат повеќе од 25.000 припадници на вооружените сили од 22 земји членки на НАТО и партнерските земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.