Припејд гас за Украина

Доколку Украина не ја плати сметката за јуни, руската гасна компанија на 3 јуни д 10 часот по локално време ќе ја прекине испорката на гас за Украина.- пишува „Руска реч“.

Вкупниот долг на Украина изнесува 3,5 милијарди долари. Претставниците на Гаспром велат дека оваа одлука е донесена бидејќи украинската страна не го платила гасот за април на почетокот на мај. Руската кпманија веќе ја испратила сметката за јуни. Доколку парите не бидат уплатени до почетокот на јуни, ќе биде загрозена и испораката на гас за Европа, зашто не е исклучено неовластено земање од транзитниот гас од страна на Киев, каков што беше случајот во 2006 година.

Промената на начинот на плаќање е со цел да се избегне зголемвање на долгот, тврдат од Гаспром. Претходно гасот беше испорачуван според системот „take or pay“, според кој потрошувачот го плаќа гасот откако ќе го добие. Овој систем Гаспром го применува во работата со европските купувачи.

Рускиот гас во Европа се транспортира главно преку територијата на Украина. Водечкиот експерт на менаџерската компанија „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов предвидува можно неовластено земање од транзитниот гас наменет за Европа. Ова веќе се случи во јануари 2006 година, кога Украина не плати за гас и почна да користи од гасот наменет за европските потрошувачи. Подоцна украинската страна официјално признала дека неовластено земала гас. Според Григориј Бирг, содиректор на аналитичкото одделение на Агенцијата „Инвесткафе“, и понатаму е голема веројатноста дека Украина и во иднина нема да плаќа за гасот навреме и во целост. „Во прилог на тоа зборува нестабилната политичка ситуација и економската криза во земјата“, вели експертот.

„ Во случај Украина да не го плати гасот не е исклучено неовластено земање од транзитниот гас, што на Европа нема многу да ѝ се допадне“- изјавил Баранов.

Украина, според мислењето на руската страна, има пари да го плати гасот. „Пари има, украинската страна, претходно ги зеде на кредит, и токму тие пари можат да бидат насочени за плаќање на гасот“, вели Иван Капитанов, доцент на катедрата за државно регулирање на економијата на Руската академија на народното стопанство и на државната администрација (РАНХиГС). Според него, „Русија од април можеше да премине на авансно плаќање, но не го стори тоа, со што придонесе ситуацијата да стане апсурдна, и дури сега го искористува своето право“. На почетокот на мај управниот одбор на ММФ ѝ одобри на Украина кредитна линија од 17 милијарди долари и Киев веќе ја доби првата транша од 3.2 милијарди долари. Оваа сума може да го покрие поголемиот дел од украинскиот долг кон „Гаспром“.

Како што изјави Игор Диденко, заменик-министер за енергетика и рударство на Украина, „Нафтогас на Украина“ е подготвена до крајот на мај на „Гаспром“ да му плати 4 милијарди долари долг за гас. Тој, сепак, додава дека украинската страна за илјада кубни метри гас ќе плаќа само 268.5, а не 485 долари, како што инсистира „Гаспром“. Рускиот холдинг на Украина ѝ продаваше гас по пониска цена, зашто важеа два попусти: еден поради доделувањето кредит на Украина на почетокот на 2014 година, а вториот поради разместувањето на Црноморската флота на Крим. Првиот попуст е укинат по избивањето на руско-украинскиот конфликт, а со влегувањето на Крим во составот на Русија, престана да важи и компензацијата за разместување на флотата, така што цената на гасот скокна, но украинската страна ова не го признава.

http://mk.rbth.com/economics/2014/05/19/pripejd_gas_za_ukraina_33669.html