Неизвесноста трае: Ќе се врати ли Георгиевски во ВМРО ДПМНЕ

И покрај првична одлука на ВМРО Народна партија на претстојните парламентарни избори да настапува заедно со Коалицијата за промени и правда предводен од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов и ФРОДЕМ на Јове Кекеновски, можноста партијата предводена од Љубчо Георгиевски да се приклучи кон ВМРО ДПМНЕ се уште е отворена.

Превирањата во партијата околу прашањето за партнерство со ВМРО ДПМНЕ се уште течат, а според аналитичарите ваквиот сојуз би бил природна постапка и би имал голема симболика во контекст на актуелните политички случувања.

За политичкиот аналитичар, Александар Пандов спојот меѓу ВМРО ДПМНЕ и ВМРО НП е природен процес.

„На основа на информациите кои ги имаме досега по мое длабоко уверување интецијата за спојувањето на десните партии постои уште од самото доаѓање на Никола Груевски на чело на ВМРО ДПМНЕ. Од дваесетина партии со предзнак ВМРО колку што постоеја пред десетина години и настапуваат самостојно сега останаа само две ВМРО ДПМНЕ и ВМРО Народна партија. Пред четири години претседателот и дел од членството на ВМРО НП преминаа во ВМРО ДПМНЕ. Последните најави за припојување на останатиот дел кон ВМРО ДПМНЕ за мене е природен процес и покрај тоа што меѓу двете партии постојат идеолошки разлики.Понудата од страна на ВМРО ДПМНЕ е дадена и колку што можев да разберам за поголемиот дел од ВМРО НП истата е прифатлива. Од она што знаеме целата акција е оставена како одлука на ВМРО НП“, вели Пандов за Нетпрес.

И поранешниот претседател на ВМРО НП, Маријан Додовски се согласува дека спојувањето на двете преостанати партии со префиксот ВМРО треба да се случи без разлика на тоа дали тоа ќе се случи пред или после изборите.

„Лично сметам дека се работи за природен процес кој треба да резултира со враќање на членовите од ВМРО Народна партија во ВМРО ДПМНЕ независно од тоа дали ќе се случи пред 11-ти декември или по 11-ти декември“, вели Додовски.

Дека евентуалното здружување на силите на двете партии не е поради тоа што ВМРО НП ќе донесе голем број гласови. Симболиката на тоа припојување е многу поголема од гласовите кои ВМРО НП може да ги донесе за ВМРО ДПМНЕ, вели Пандов.

„Симболиката на тоа припојување е многу поголема од тежината на гласови кои што таквата коалицијата би можела да ја придаде на гласовите за ВМРО ДПМНЕ. Симболиката е единство, сплотеност и во ваква политичка криза да се крене свесноста за доброто на татковината што е најпотребно во овој момент“, смета Пандов.

„Не верувам дека може да влијае на крајниот резултат за тоа кој ќе биде победник на изборите бидејќи според анкетите ВМРО ДПМНЕ има значителна, ако не и недостижна предност пред СДСМ“, вели Додовски.

Инаку, според неофицијални информации од ВМРО НП, расправиите околу тоа „кој пат треба да се фати“ се уште траа. Наши извори говорат дека мнозинството од членството и раководството е за приближување кон ВМРО ДПМНЕ. Партијата во вторникот одржа седница на Извршниот комитет на којшто се разговарало околу тоа дали да се оди кон ВМРО ДПМНЕ или да се подготвува заеднички настап со некој од другите десни партии. Според нашите информации, само еден глас е разликата во полза на втората опција.

Сепак, се очекува конечната одлука партијата да ја донесе во текот викендот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.