Македонија

Припор ќе добие нова градинка

Припор ќе добие нова градинка

Нова градинка со капацитет за згрижување на стотина деца ќе почне да се гради во скопската населба Припор.

Градоначалникот на општина Кисела Вода,  Билјана Беличанец Алексиќ го потпиша договорот со фирмата изведувач “Инком Инженеринг” , со што е започната изградба на градинка во Припор.

Во рамки на градежните активности ќе се реконструира и дел  од основното училиште  „Круме Кепески” кој ќе биде дограден, реконструиран и пренаменет . Конкретно,  две училници ќе бидат реновирани и пренаменети во занимални, дел од ходникот ќе биде пренаменет во перална со магацин, а ќе биде дограден и сосема нов дел, според идејното решение подготвено од општината.  Важно е да се знае дека сите стандарди за нормално функционирање на објектот ќе бидат запазени.  Градинката ќе има засебен влез, а во нејзиниот  состав ќе бидат организирани и јасли, креативни работилници, кујна и  перална, што би значело модерни, безбедни и здрави услови за згрижување на дечињата и нивна едукација.

gradinka

Важноста на овој проект е во тоа што ова  ќе  биде првата градинка во овој дел од општината и ќе биде од големо олеснување за сите родители кои сега своите деца ги носат во градинките во централниот дел на Кисела Вода.

Ова е остварување на уште едно од ветувањата што градоначалникот на општината Билјана Беличанец-Алексиќ им го даде на жителите на Припор,уште на почетокот на својот мандат,  во насока на остварување на приоритетите-инвестирање во образованието на младите и враќање на учениците  и најмладите жители на општината во подрачните училишта и градинки.

Во следните фази на проектот е планирана  реконструкција на покривот на целиот објект на училиштето ” Круме Кепески”, што е потребно поради дотраеноста на постојниот и проблемите со протекување.  Исто така, фасадата ќе биде заменета со нова, со што ќе се зголеми изолацијата на објектот, односно ќе се обезбедат услови за енергетска ефикасност.

Целокупната инвестиција е во вредност од 12 милиони денари кои ги обезбеди Општина Кисела Вода.