Природните катастрофи предизвикаа штета од 130 милијарди долари

Природните катастрофи, во кои загинаа 25.000 лица, ја чинеле светската економија околу 130 милијарди долари, соопшти швајцарската осигурителна компанија „Свис Ре“ во Цирих.

Овој износ е помал за разлика од претходната година, кога поради катастрофите е причинета материјална штета од 196 милијарди долари, посебно поради ураганот „Сенди“ и сушите во САД.

Од вкупниот износ, осигурувањето ќе покрие штета во висина од 44 милијарди долари, што е значително пониско во однос на 81 милијарда долари, колку што било исплатено во 2012-та година.

Оваа година го одбележа тајфунот Хаијан на Филипините, при што загинаа околу 7.000 лица, што е најсмртоносната поединечна катастрофа во текот на оваа година.

Поплавите кои што во јуни ги погодија Германија, Чешка и соседните земји, предизвикале штета од 18 милијарди долари, од кои што се осигурани загуби само во висина од четири милијарди долари.

Јунските дождови во канадската покраина Алберт предизвикаа штета од две милијарди долари за осигурување на загубите, додека Германија и Франција во јули беа погодени од силно невреме, по што осигурените загуби беа на ниво од три милијарди долари.

Како што наведува „Свис ре“, големи загуби оваа година предизвикаа поројните дождови и поплави во Австралија, Индија, Кина, Индонезија, Јужноафриканска република и Аргентина.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.