Природните несреќи во светот минатата година чинеле 90 милијарди долари

Во природните несреќи низ светот во 2015 година била предизвикана штета во вкупна вредност од 90 милијарди долари, а сумата е најмала од 2009 година наваму, денеска во својот годишен извештај информира германската реосигурителна компанија „Мјуних Ре“ (Munich Re), цитирана од француските медиуми.

Многу од бурите во 2015 година се случиле во послабо населени реони, а климатската појава „Ел Нињо“ им го попречила патот на ураганите во северниот дел на Атлантскиот Океан, објаснува компанијата во соопштението.

Од предизвиканите штети, што се проценуваат на 90 милијарди долари,  27 милијарди долари биле покриени со осигурувања, прецизира „Мјуних Ре“.

Највредната (најтешката) природна несреќа во минатата година, со најмногу жртви, бил земјотресот во Непал во април. Во него загинаа 9.000 лица, а финансиските штети, што ги предизвика, изнесуваат 4,8 милијарди долари.

Во природни несреќи во текот на минатата година загинале вкупно 23.000 лица, додека претходната година нивниот број изнесувал 7.700. Просечниот број жртви во изминатите 30 години изнесува 54. 000 годишно.

Речиси сите несреќи во 2015 година (поточно 94 проценти) биле предизвикани од метеоролошки фактори.