Македонија

Прислушување во Германија: Меркел и шефот на БНД ќе поднесат оставка?!

Прислушување во Германија: Меркел и шефот на БНД ќе поднесат оставка?!

Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на завчерашната трибина на Правниот факултет повика на оставки од надлежните органи во нашата држава како предуслов за спроведување на независна и транспарентна истрага по скандалот со прислушувањето. Таа се повика на “западните” вредности и верувања за демократијата и владеењето на правото, но заборави дека во моментот Германија ја тресе далеку поголема афера која се однесува на ист проблем – пропусти во работењето и заштитата на податоците на безбедносните и разузнавачките агенции.

Опозицијата и експертската јавност во Германија бара оставки од Меркел и од шефот на германската разузнавачка служба БНД Герхард Шиндлер. Според нивните тврдења канцеларката Меркел знаела дека германски шпиони работеле за САД и нивните разузнавачки агенции, ги игнорирала предупредувањата за обидите на американската разузнавачка агенција НСА преку БНД да ги шпионира европските фирми ЕАДС и Еурокоптер. Задачите кои ги извршувале агентите на БНД за американската НСА директно ја загрозиле европската безбедност, пишува „Вечер“.

Најголемиот скандал е сепак прислушувањето на мобилниот телефон на канцеларката Меркел од страна на разузнавачките агенции на САД и Велика Британија и откривањето на илјадници чувствителни информации на разговори.

За овие две афери досега од првиот човек на германското федерално МВР и од претседателот на БФВ (службата за заштита на уставниот поредок) не е побарано ниту одговорност, а камо ли оставка исто како и од првиот човек на БНД, кое е под директна команда токму на канцеларката Меркел.

Од Социјалдемократската партија на Германија (СДП) сметаат дека станува збор за кредибилитетот на Меркел и инсистираат сите информации и обвинувања темелно да се испитаат.

– Обвинувањата се драстични. Тие мораат темелно и сеопфатно да се разјаснат. Скандалот веќе добива нова димензија, изјави за “Шпигел”, Јасмин Фахими, генерален секретар на СДП.

– Ако сознанијата се точни и Канцеларската служба била информирана за пропустот во безбедноста, тогаш аферата со БНД ќе стане афера за кредибилитетот на германската влада, смета Антон Хофреитер, Шеф на клубот на зелените.

Амбасадорот Алтхаузаер на завчерашната трибина изјави дека е иритирана што обвинувањата на опозицијата немаат еднаков третман, државата е ставена во служба на партијата на власт, а граѓаните се жртви на партиското однесување на државните институции.

Од опозициската Партија на зелените ја посочуваат Меркел како директен виновник, бидејќи аферите го зафаќаат нејзиното поле на работа, а БНД и е директно подредена.

– Нашето “западно” верување дека во политичкиот дијалог интересите на државата треба да ја надвладеат партиската политика е наивно во однос на македонската политичка култура. Тешките обвинувања што произлегоа од неодамнешните обвинувања се уште не се третираат соодветно од страна на Владата, што е иритирачки за мене и за другите западни набљудувачи, рече амбасадорката Алтхаузер.

Македонските власти засега не даваат никаков одговор на жестоките критики на германската амбасадорка, пишува „Вечер“.