Прислушувачот Марјанче

Деновиве сите ја видовме снимката со градоначалникот на Демир Хисар од редовите на СДСМ како крајно арогантно, дрско и безобразно им се заканува на вработените во училиштето дека знае што прават и каде одат, бидејќи на сите им ги слуша телефоните, односно дека им ја прислушува приватната комуникација.

Дали ваквата закана ќе се покаже како вистинита, и навистина ќе се утврди злоупотреба на системот за следење комуникации, или пак како блеф од страна на градоначалникот со цел да ги заплаши административците во предреферендумскиот период, ваквата негова постапка кажува многу за неговата ментална матрица, а воедно и за менталната матрица на неговата партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Ајде прво да направиме една кратка анализа на размислувањето на Марјанче, кој пак уште на снимката се слуша како се фали дека тој пред да стане градоначалник работел во МВР, па според тоа, вработените во градинката не треба да имаат сомнеж дека тој има можност да следи комуникации на граѓаните.

Па, еве да прашам, дури и да работел во МВР, кој го овластил Марјанче да следи комуниакции и на која основа е одобрено тоа следење? Дали Марјанче пред да стане градоначалник ги користел системите за следење комуникации во негова полза и во полза на неговата партија? Дали тоа следење можеби му помогнало на овој самоглорифициран полицаец да стане арогантен градоначалник?

Што се однесува до неговата матична партија СДСМ, следењето комуникации од секогаш било нивен патентиран начин на работа, од кој не можеа да се откажат долго време и кој го користеа за да се одржат на власт колку што можат повеќе во 90-те. Компилацијата на досиеја и нивното обелоденување во процесот на лустрацијата, како и неколкуте едиции на книги од страна на Државниот Архив, јасно ја документираат злоупотребата на системите за следење комуникации од страна на СДСМ се до нивниот прв пад од власт, во 1998 година. Но, континуитетот на употребата за средства за идеолошка и политичка пресметка со своите противници не застанува во таа 1998 година. До ден денес, и после скоро година и пол на власт, владините функционери на СДСМ упорно одбиваат да се зафатат со согласените измени и реформи во доменот на следење комуникации. Во извештајот на Прибе (подзаборавивме малку на него) на страна 16 во делот на препораките како втора препорака стои промена на организациската култура во УБК, професионалната етика, заштита на податоците и човековите права.

До ден денес, ниту директорот на УБК, ниту министерот немаат направено било каква промена во подзаконските акти со кои се регулираат овие прашања. Ситуацијата дури и ја влошија со некои свои постапки, како на пример назначувајќи го за помошник директор на УБК сопругот на потпретседателката на СДСМ, што е неверојатен непотизам и масовна злоупотреба на политичката моќ. Понатаму, во вториот извештај на Прибе, оној кој требаше да го забележи напредокот кој е направен после првите препораки, стои, цитирам:

„Две години после првичниот скрининг работите во УБК значително не се променети, сеуште УБК има монопол врз следењето на комуникациите како за криминалните истраги така и за безбедносните цели“.

Зошто УБК и МВР упорно одбиваат да ги имплементираат препораките од Прибе, и зошто кај нив нема подготвеност за остранување на суштинските забелешки кои ги даде неговата експертска група? Одредени забелешки кои ги даде Прибе, можеа многу едноставно да се решат само со потпис од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и да се обезбеди законитост во постапките, но ова до ден денес се нема случено.

Или можеби немањето волја и интерес се должи на поддршката што им се дава и на други функционери на СДСМ преку прислушување на приватни разговори? Уште колку прислушувачи како Марјанче градоначалникот има? И дали овие другиве Марјанчиња ги користат тие разговори за да вршат политички притисоци и да ги уценуваат и заплашуваат нормалните граѓани?

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.