Пристапна помош од 134 милиони евра од ЕУ за Македонија

Европската комисија денеска го комплетираше пакетот програми за претпристапна помош и поддршка на реформите во земјите кои сакаат да влезат во Европската унија за 2014 година, при што одреди директна поддршка за проекти во Македонија во висина од околу 134 милиони евра.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, средства во вкупна висина од две милијарди евра, кои доаѓаат во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2), Комисијата ги прави достапни за Македонија, но и за Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Турција.

Точно 52.717.811 евра, Брисел и дава на Република Македонија во рамки на националната програма за 2014 година со цел помош во реформите за демократија и управување, владеење на правото и основните права, конкуренцијата и иновациите. Исто така, Еврокомисијата одреди 81.271.609 евра за повеќегодишната акциска програма на Македонија за периодот од 2014 до 2016 година со цел инвестирање во околината и климатската акција, како и во транспортот, пренесе МИА.

Всушност, во соопштението на ЕК, во однос на издвоените средства за помош на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата, се наведува дека големиот пакет вклучува повеќегодишни програми за поддршка на конкретни сектори во текот на следните три години во Турција и Македонија. А, нашата земја ќе може да аплицира и во други три програми со буџет од вкупно 230 милиони евра, а тоа се: Прекугранична соработка (буџет од 11,4 милиони евра); Засилување на граѓанското општество и слобода на медиумите (68,7 милиони евра) и за Регионална територијална соработка (152,6 милиони евра).

– Овие средства ќе ги поддржат конкретните демократски и економски реформи, од модернизација на судството и јавната администрација, до инвестирање во инфраструктурата и поврзување меѓу земјите од проширувањето со земјите членки на ЕУ. Ова дополнително ќе ја зајакне стабилноста во регионот, економијата кај земјите и нивниот инвестициски потенцијал, исткана Јоханес Хан, еврокомесар за европска соседска политика и преговори за проширување.

Како што информираат од Еврокомисијата, финансирањето од ЕУ за земјите од пристапниот процес за оваа година треба да обезбеди подобра сопственост на корисниците, преку интегрирање на нивните реформи и развојната агенда. Тоа особено вклучува програма за буџетска поддршка и реформа на системот на управување со јавните финансии во Албанија, како прв од ваков вид во регионот на Западен Балкан, пренесе МИА.

– Програмите ќе се фокусираат на подобро управување со проекти кои имаат за цел реформа на јавната администрација, со користење на помошта од ЕУ, за поефикасно донесување и спроведување на стандардите на Унијата, како и спроведување на повеќе реформи во судството и основните права и натамошна поддршка на борбата против организираниот криминал и корупцијата, се наведува во соопштението на Еврокомисијата.

Инаку, денешната сума што ЕК ја посочи како достапна за проекти во земјите од пристапниот процес е дел од вкупната достапна помош во рамки на ИПА 2 програмата што за Македонија во периодот од 2014 до 2020 година нуди вкупно 665 милиони евра помош од Европската унија.