Пристапниот дијалог на високо ниво ќе се сконцентрира на водење на преговорите за членство

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими остварија заедничка средба со  комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе.

Разговорите се фокусираа на продолжувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН) во чии рамки досега беа постигнати значителни резултати во клучните реформски области. Беше направен осврт на досегашните остварувања и идните предизвици. Заедничко видување е дека поголемо внимание во иднина треба да се посвети на областите кои се клучни за пристапните преговори, што се објаснува со напредната фаза во која се наоѓа Македонија во евро-интегративниот процес и поради досегашниот тек на Пристапниот дијалог на високо ниво.

Заедничка заложба е следната сесија на Пристапниот дијалог на високо ниво да биде концентрирана на најзначајните области за водење на преговорите за членство во ЕУ и за обезбедување на континуитет во реформите.

Министерот Попоски истакна дека првата фаза на ПДВН доведе до конкретни резултати во секое поглавје – донесени се закони и понудени се конкретни решенија. Во новиот ПДВН циклус би се посветиле посебно на спроведување на нашата стратегија во областите кои се одлучувачки за членство во ЕУ: владеење на правото и добрососедски односи.