Пристигнуваат првите 15 плато-вагони

Контејнерски вагони стигаат навреме бидејќи на МЖ-Транспорт ќе му бидат потребни за очекуваниот зголемен превоз за познатите клиенти Сони, Хјулит Пакард и Хјундаи во наредниот период, пренесува Вечер.

Македонија навреме го подновува железничкиот возен парк, како во товарниот, така и во патничкиот сообраќај бидејќи во наредниот период се очекува зголемен ангажман, особено на контејнерскиот превоз на стока.

Како што пишува Вечер, петнаесет од вкупно 150 порачани нови товарни вагони од производителот ЖОС Трнава од Словачка ќе пристигнат кон крајот на овој или на почетокот на наредниот месец.

– Во моментов МЖ-Транспорт располага со околу 1.000 товарни вагони од различни типови. Набавката на новите значи почеток на обновување на возниот парк бидејќи товарните вагони во нашиот состав се прилично стари и нивното одржување бара зголемени трошоци. Со набавката на новите вагони ќе ги намалиме трошоците, но и се вклучуваме во нови превози што значат нови правци во превозот од пристаништето Пиреа кон средна Европа – вели директорот на МЖ-Транспорт, Оливер Дерковски.

Набавката на 150-те товарни вагони чини 13,2 милиони евра, а половина од тие нови вагони се плато вагони (контејнерски), кои што првенствено ќе му бидат потребни на МЖ-Транспорт за очекуваниот зголемен превоз за познати клиенти во наредниот период.

– Во организација на кинеската компанија „Коско”, која стопанисува со грчкото пристаниште Игуменица во Пиреа, како и шпедитерот „Шенкер”, како организатор на превозот, МЖ-Транспорт реализираше три пробни железнички композиции, натоварени со стоки за фабриките на Сони (компјутерски делови и монитори) во Ѓер, Унгарија, (што беа однесени за одлично време на возење од 52 часови) и за фабриката на Хјулит Пакард во Пардубица, Чешка. Станува збор за нов, досега непостоечки контејнерски железнички транспорт, прв од југот кон средна Европа, во услови кога досега тој одеше од север, односно од Хамбург кон југот на континентот – вели Дерковски.

Сите возови имаа по 36 до 38 контејнери, при што на барање на „Шенкер”, МЖ-Транспорт обезбеди свои вагони.

– Ова е добро зашто досега контејнерскиот железнички транспорт беше мртов. Добра е можност за зголемување на транзитниот железнички сообраќа кај нас, во услови кога само со домашните товари не можеме да се надеваме на подобри транспорти. А, според најави од „Шенкер” за зголемување на целата квота на возови, очекуваме наскоро да имаме по еден воз дневно, односно концентрирани два пати неделно – потенцира Дерковски.

Тој најави дека наредниот месец ќе почнат да возат и за гигантот Хјундаи за пазарите во Словачка, Чешка и Унгарија.

Покрај товарни вагони МЖ -Транспорт набавува и шест патнички железнички гарнитури. Испораката на првата гарнитура треба да почне од август следната година, а до крајот 2015 ќе пристигнат сите. Инвестицијата во новите патнички возови изнесува 25 милиони евра.

Инаку, вчера во Скопје се одржа прв состанок на работната група 502 на Меѓународната унија на железниците (УИЦ) каде беше дискутирано за превозот на посебни пратки кои по големина или обем го поминуваат стандардниот габарит кој е пропишан во правилниците, имајќи предвид за големина на тунели, носивост на мостови итн. Директорот на МЖ-Инфраструктура, Ирфан Асани ги запозна присутните за обемниот инвестициски циклус во земјава тежок 587 милиони евра, а се однесува на подобрување на севкупната состојба во железничкиот систем.

– Во рамките на оваа конференција веќе се утврдуваат некои измени и правила кои што треба да важат во иднина, така што ние како транспортна компанија ќе ги почитуваме истите и на нашите клиенти ќе им понудиме превоз на пратки со посебен габарит – нагласи Дерковски.