Притвор за битолчанец кој крадел икони и напаѓал сограѓанки

Битолчанец, кој ограбувал цркви и домови и напаѓал сограѓанки  заработи три кривични пријави и 30-дневен притвор.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека против 51-годишниот Н.Т. од Битола се поднесени три кривични пријави за „разбојничка кражба“, „кражба“ и „разбојништво“ кои ги извршил кон крајот на јануари.

При претрес на неговиот дом, полицијата пронашла и одземала три икони како и еден стар црковен дрвен крст, кој од страна на Отец од храмот „Пресвета Богородица“ во Битола е препознаен. Се превземаат мерки за утврдување на сопственоста на иконите.

Според информациите од битолската полиција, кратко по полноќ на 21 јануари приведениот разбојник со употреба на физичка сила ја отворил влезната врата од куќа лоцирана на улицата Марко Цепенков во Битола, сопственост на А.Т. од каде по пребарување на собите одземал  еден машки часовник. Во тој момоент влегла оштетената и се обидела да му го одземи часовникот, но истиот ја турнал и се обидел да ја собори на земја, на начин што со тупаница ја удрил во пределот на главата. Викањето за помош на оштетената, случајно го слушнал нејзиниот сосед, кој влегол во куќата, го фатил пријавениот и повикал полиција.

Бидејќи тогаш не бил ставен во притовор, следниот ден повторно се пуштил во акција.  Пријавениот влегол во домот на оштетената М.Н. од Битола, кој се наоѓа на улицата Илинденска  и во моментот кога оштетената му ја отклучила вратата, со употреба на физичка сила ја турнал, оштетената паднала на скалите, а пријавениот влегол внатре, при што од паричникот оставен на масата во дневната соба, одзел 1.500 денари и избегал.

Последното дело го извршил пред четири дена, тој  околу 20 часот  со намера да присвои туѓ подвижен предмет преку незаклучената врата на улицата 21-ва, влегол и одзел златен и  сребрен накит и бижутерија. Во моментот кога се обидувал да избега со плен од 20.000 денари, тој бил спречен од оштетената З.Т. од Битола,сопственик на куќата, која повикала полиција.

Од битолската полиција информираат дека постојат сомневања дека  Н.Т. е инволвиран и во други инциденти регистрирани на подрачјето на Битола, но во моментов се уште се работи на анализа на доказите по што ќе следи соодветна пријава.

На пријавениот му е одредена мерка притвор во траење до 30 дена.