Македонија

Притвор за директорот на Здравствен дом Охрид и двајца негови соработници

Притвор за директорот на Здравствен дом Охрид и двајца негови соработници

Поради постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок повеќе од 7,5 милиони денари, Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе кривична пријава против директорот на Здравствениот дом Охрид и двајца негови најблиски соработници. Лицата се товарат дека во периодот 2010-2014 година сториле повеќе кривични дела и тоа „проневера во службата“, „поттикнување“, „помагање“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“.

Од страна на Управата за финансиска полиција, била извршена контрола на благајничкото работење и сметководствената евиденција на ЈЗУ Здравствен Дом Охрид при што се обезбедени контролни извештаи за вкупниот годишен промет од фискалните каси на Здравствениот Дом за период од 01.01.2010 до 31.12.2014 година.

По извршените споредби на реализираниот промет од фискалните каси со уплатените парични средства во благајната како и уплатените парични средства на банкарската сметка на Здравствениот Дом Охрид, констатирано е дека прометот извршен преку фискалниот апарат редовно се предава во благајната, но така извршениот промет и предадените парични средства наплатени од пациентите, од страна на второпријавениот Н.К во целост не биле уплатувани на банкарската сметка на Здравствениот Дом Охрид.

При контролата на сметководствената евидениција и документација на Здравствениот Дом Охрид, било констатирано дека третопријавената М.Н, вработена како шеф на сметководство во Здравствениот дом, за да ги прикрие трагите на криминалот што бил очигледен, само дел од финансиската документација ја евидентирала во сметководствената евиденција на здравствениот дом. Третопријавената М.Н, по претходно добиена усна наредба од страна на директорот на Здравствениот дом, во континутет, започнувајќи од 2010 година изготвувала фалсификувани завршни сметки кои потоа со потпис на директорот се поднесенувани до Централниот регистар на Република Македонија.

Од извршените разговори со второ и третопријавениот како и од извршениот увид во сметководствената документација и документацијата за благајничко работење, утврдено е дека до 30.04.2010 година, второпријавениот Н.К бил должен да изготвува касови извештаи за работењето на благајната на Здравствениот Дом Охрид и истите од негова страна биле уредно изготвувани. Но од 01.05.2010 година, по усна наредба од директорот на Здравствениот дом Охрид, обврската за изготвување на касови извештаи била доверена на третопријавената М.Н, која спротивно на прописите воопшто не изготвувала касови, односно благајнички извештаи.

Според податоците до кои дојде Управата  за финансиска полиција, по завршување на работното време, шалтерските работници во Здравствениот дом, од фискалните каси печателе Дневен фискален извештај за реализираниот промет во соодветниот ден кој потоа го споредувале со сумата на наплатени парични средства со фискалниот извештај и со издадените потврди (квитанции) за наплата за извршените медицински услуги. Наплатените парични средства со пропратната документација (дневен финансиски извештај и потврди за наплата), најуредно ги предавале на второпријавениот Н.К кој за примените парични средства изготвувал и потпишувал образец каса прими на која се потпишувал и шалтерскиот работник кој ги предал парите. По извршеното примопредавање на парите од дневниот промет, второпријавениот, оригиналниот примерок од каси прими образецот заедно со документацијата која ја примил од шалтерските работници, ги предавал на третопријавената М.Н., а парите ги задржувал кај себе.

По усна наредба од директорот на Здравствениот дом Охрид, второпријавениот Н.К речиси секој ден по пребројување на дневниот промет, телефонски го известувал директорот за износот на вкупниот дневен промет,  по што добивал задача колкав дел од прометот да го уплати на банкарската сметка на Здравствениот Дом, а остатокот од дневниот промет без никаков писмен траг т.е без потпишување на документ за примопредавање му го давал лично на рака на директорот кој парите од пациентите си ги користел за задоволување на своите лични потреби.

По спроведената детална истрага, Управата за финансиска полиција утврди дека во периодот 2010-2014 година во Здравствениот дом во Охрид проневерени се вкупно 7.565.302,00 денари за кој износ ќе одговараат трите пријавени лица.

Судија на претходна постапка во Основниот суд во Охрид заради сериозноста на кривичното дело, можноста за влијание врз сведоци и опасноста од повторување на делото, на трите пријавени лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Двајца од пријавените се веќе уапсени од страна на Финансиската полиција додека  по првопријавениот кој е во бегство, распишана е потерница и по истиот интензивно се трага.