Притвор за осомничениот за убиството на момчето што беше најдено во бунар

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово, ценејќи дека има основи, до судијата на претходна постапка поднесе Предлог за определување мерка – Притвор за осомниченото лице што вчера беше задржано во Полициската станица во Куманово, информираат од Јавното Обвинителство.

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на надлежниот јавен обвинител и на осомничениот Д.Д. му одреди мерка Притвор во траење од 30 дена.

Во исто време наредено е психијатриско вештачење на осомничениот, како и вештачење на материјалните докази пронајдени при претресот на неговиот дом.

Во текот на вчерашниот ден, во бунар, во непосредна близина на црквата „Света Мина“ во с. Доброшане, беше пронајдено тело на момче со прострелна рана на десната слепоочница. По извршениот увид, надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за обдукција на телото на починатото лице, наредби за вештачење на материјалните траги што беа подигнати од местото на настанот, како и Наредба за претрес на домот во кој живеел осомничениот.

Момчето неколку дена се водеше како исчезнато.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.