Притвор за седум лица од меѓународната група која произведувала дрога во тетовско

Триесетдневен притвор е одреден на седум осомничени лица од открената меѓународна организирана криминална група која полицијата ја отрки на 30 ноември и 1 декември дека неовлатено произведувала и држела заради продажба „синтентитчки дроги“ во тетовско.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца државјани на Република Србија и петмина македонски државјани осомничени дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.

На сите седум осомничени лица, како што соопшти Јавно обвинителство на РМ,  по предлог на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на судија на претходна постапка им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

На 30 ноември и 1 декември, согласно поведената кривична постапка против Меѓународна организирана криминална група, што се занимава со неовластено производство и држење заради продажба на „синтетички дроги“, Министерството за внатрешни работи, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, врз основа на наредби издадени од судија на претходна постапка, изврши претрес на повеќе објекти и локации на подрачјето на Тетово и Скопје.

При претресот на локацијата во Тетово е откриена инсталирана нелегална, лабораторија – погон за одвивање на техничко-технолошки процес за неовластена преработка на различни материи и супстанции за неовластено производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и големи колични на различни материи и супстанции. На локација во скопско Батинци е откриена опрема и големи количини на материи, за кои основано се сомнева дека се со истата намена, како пронајдените во Тетово.

Од првично извршените вештачења на помал дел од пронајдените супстанции е утврдено дека групата произвела во форма на таблетки вкупно 204.696 парчиња со вкупна маса од 35,044 килограми. Таблетите содржат активна компонента на психотропна супстанца -амфетамин, која е стимуланс на централниот нервен систем класифициран во Листа II на забранети опојни дроги и психотропни супстанции. Во тек се вештачења над останатите пронајдени материи и супстанции.

Од ЈОРМ наведуваат дека продолжува и меѓународната правна соработка помеѓу Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Јавното обвинителство за организиран криминал во Република Србија за целосно расветлување на случајот.