Притвор за советникот на Дудуш

Притвор од 30 дена му е одреден на С.М., советникот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, кој беше уапсен поради примање мито, потврдија од Основното јавно обвинитлество. Надлежен јавен обвинител донел Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

Според Обвинителството, С.М. како вработен во општината Шуто Oризари на 27 јануари во службените простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1000 евра. Наградата осомничениот ја договорил и примил за, искористувајќи го своето влијание, да изврши посредување во вршење на службено дејствие кое не би требало да се изврши. Имено, тој ги побарал средствата за да се донесе Решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор. Предлогот на обвинителството беше прифатен, па со Решение на осомничениот му е изречен притвор во траење од триесет дена.

Пријавениот во текот на јануари и февруари годинава, на 25- годишно машко лице од Скопје, му се претставувал дека е вработен во општина Шуто Оризари на влијателна позиција во општинската администрција и дека ќе издејствува легализација на негов објект за сума од 2500 евра. Така, по поднесено барање од страна на оштетеното лице до Општината за издавање на Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект-куќа, изградена во јуни минатата година, пријавениот, со намера да го искористи своето претпоставено влијание и наводна службена положба, ветил дека ќе издејствува легализација на објектот. С.М. од оштетениот на 19.01.2018 година, побарал за себе парични средства во износ од 2.500 евра, а на 27.02.2018 година примил дел од средствата во износ од 1.000 евра.

Имено, оштетениот на 22.01. годинава, во просториите на Секторот за внатрешни работи Скопје-Единица за економски и компјутерски криминал поднел кривична пријава против пријавениот С.М. На 27.02.2018 година оштетениот дал дополнително известување дека со пријавениот С.М. истиот ден околу 11,00 часот, остварил средба во просториите на општина Шуто Оризари, каде на барање на пријавениот, му дал парични средства во износ од 1.000 евра, претходно фотодокументирани, додека остатокот требало да го исплати по добивање на Решението за легализација, кое му ветил дека ќе биде завршено по два дена.

Од страна Секторот за внатрешни работи Скопје, а врз основа на Наредба за претрес на службени простории и претрес на лице издадена од Основен суд Скопје 1 Скопје, извршен е претрес во општината и врз пријавениот, кој доброволно предал една банкнота од 500 евра, две банкноти од по 200 евра и една банкнота од 100 евра кои се претходно фотодокументирани.