Притвор за српски државјанин за криумчарење 47 мигранти

На автопатот Удово-Неготино, кај тунелите кај Демир Капија, вчера околу 07.30 часот полицијата во товарно моторно возило „Ивеко“ со скопски регистарски ознаки пронашла 47 лица-мигранти од Сирија, Ирак, Пакистан и Авганистан.

Како што денеска соопшти МВР, полициски службеници дале знак за запирање на патничко моторно возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки и товарното моторно возило „Ивеко“, кои не застанале.

Патничкото возило се исклучило кон Демир Капија, а товарното возило продолжило со движењето и на околу 500 метри после клучката застанало, возачот излегол и побегнал. По кратко време, се појаснува во соопштението, бил приведен од полициските службеници при што е утврдено дека станува збор за лицето Н.С. (38) од Р.Србија.

– По извршениот преглед на возилото биле пронајдени 47 лица-мигранти од Сирија, Ирак, Пакистан и Авганистан. Лицето Н.С. заедно  со мигрантите се приведени и задржани во ПС-ОН Неготино за понатамошна постапка. Од страна на судија на претходна постапка на српскиот државјанин одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена. РЦ за ГР Југ поднесе кривична пријава против Н.С. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“, соопшти МВР.