Притвор за тројца пијани битолчани кои сакале да се пресметаат со полицијата

Тројца пијани битолчани кои сакале да се пресметаат со полицијата заработија осумдневен притвор.

Ноќта во сабота кон недела околу 02,30 часот во Битола во кафе-барот „Расчекор“, Ѓ.Т.(34) од Битола кој бил во друштво со уште три лица и бил видно под дејство на алкохол, без повод и причина почнал насилнички да се однесува, нарушувајќи го  јавниот ред и мир со викање и непристојно однесување.

Во непосредна близина до него седел полициски службеник, кој се легитимирал, повикувајќи го истиот да се повлече и да престане со таквото однесување. Во тој момент, Ѓ.Т. се доближил до полицискиот службеник и му упатил сериозни закани по животот и телото, а  потоа со тупаница му задал еден удар во пределот на главата, нанесувајќи му телесни повреди. Со ова дејствие предизвикал чувство на загрозеност кај присутните, страв и несигурност, при што истите во паника и трчање го напуштиле објектот.

Од страна на полицискиот службеник, Ѓ.Т. бил  лишен од слобода и задржан во СВР-Битола, каде извршено му било алкотестирање, при што е утврдено присуство на 2.83 промили алкохол во крвта.

Околу 03.00 часот во СВР-Битола дошле М.Ј.(33) и Ј.К.(27) двајцата од Битола, кои побарале да го земат Ѓ.Т., по што почнале да ги навредуваат присутните полициски службеници, а откако било побарано од истите да се легитимираат, одбиле и во еден момент се обиделе да им нанесат удари со раце. Лицата се лишени од слобода и извршено е алкотестирање при што кај М.Ј. е утврдено 2,66 промили, а кај Ј.К. е утврдено 1.63 промили алкохол во крвта.

Од страна на ОС-Битола на пријавените им е одредена мерка притвор во траење од осум дена.