Приведените пратеници пуштени, Собранието ќе одлучува за нивниот имунитет

Сите шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска беа приведени, а Кривичен суд им  одреди 30-дневен притвор за отворена истрага за насилствата од 27 април во Собранието, според неофицијални информации се пуштени дома.

Собранието треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на судот  да им го симне пратеничкиот имунитет.

Законски, процедуралниот имунитет значи неможност пратеникот да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Надлежниот орган поднесува барање до претседателот на Собранието за одобрување притвор на пратеник.

Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот дури и кога тој не се повикал на својот имунитет.

Претседателот на Собранието, барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кој се однесува барањето.

Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена одлучува дали ќе даде одобрение за притвор на пратеникот. Ако Собранието не одобри притвор, пратеникот ќе биде веднаш пуштен на слобода, дури и ако пратеникот не се повикал на имунитет.