Притвор за Албанците фатени со 38 килограми марихуана

Основното јавно обвинителство отвори истрага против тројца албански државјани осомничени за шверц на 38 килограми маррихуана, а на тројцата им е одреден притвор од 30 дена.

– Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против тројца државјани на Република Албанија заради постоење основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Лицата се осомничени дека во Албанија неовластено набавиле марихуана со вкупна маса од околу 38 килограми која ја внеле во Македонија. Потоа ја препакувале во 36 најлонски пакувања и во две торби па со возило ја донеле до нелегален граничен премин кон Република Грција во близина на селото Лажец. Еден од осомничените останал во возилото да чека, додека другите двајца се обиделе дрогата пеш да ја пренесат во Грција заради продажба. Сите тројца биле затекнати во извршување на делото во близина црквата во селото Лажец- велат од ОЈО.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, надлежен јавен обвинител предложи определување мерка притвор за осомничените, а судија на претходна постапка на сите тројца осомничени им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.