Привремено прекината потрагата по авионот на „Ер Азија“

Потрагата по исчезнатиот авион на „ЕрАзија“ е прекината поради лошите временски услови, изјави шефот на индонезиската спасувачка служба Бамбанг Соелисти, пренесе МИА.

Тој наведе дека во реонот на потрагата брановите достигнуваат до височина од два до три метри. Соелисти посочи дека потрагата по авионот може да продолжи во текот на ноќта.

Во реонот на потрагата по патничкиот авион има три индонезиски бродови, а набрзо ќе им се придружат и три бродови на воената морнарица на Сингапур.

– Спасувачите пронајдоа само три тела, кои е можно да се патници од авионот, а не 40, како што претходно беше соопштено. Пронајдени се и делови од авионот во морето на 160 километри југозападно од градот Пангкалан-Бун.

Авионот на индонезиската филијала на малезиската компанија „ЕрАзија“ во неделата исчезна од радарите околу 40 минути по полетувањето од Индонезија кон Сингапур во реонот на островот Борнео. Во авионот „Ербас А320-200“ имаше 155 патници и седум членови на екипажот.