Прљаво Казалиште на Вевчански карневал 2015

Познатата група „Прљаво казалиште“ ќе ги донесе безвременските хитови на претстојното издание на Вевчанскиот карневал 2015, потврди градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски, пренесува МИА.

Освен оваа група, според Угриноски, деновиве биле потпишани и договори за настап на македонските групи „Супер Хикс“ и „Љубојна“, како и за концерт на фолк пејачката Елена Велевска.

– На 12 јануари ќе настапат „Супер Хикс“ и „Прљаво казалиште“, а следниот ден публиката ќе ги проследи концертите на „Љубојна“ и Елена Велевска. Се разбира дека на карневалските денови кои ќе траат неколку дена ќе настапат и познати ди-џеи. Предвидени се и трибини, како и настап на КУД „Дримкол“ во чии рамки постои и патувачкиот театар. Старата нова година ќе ја дочекаме и со богат огномет, најави Угриноски.

Како што потврди вевчанскиот градоначалник, карневалското издание ќе почне на 9 јануари, а веќе во полн ек се и подготовките на целокупната програма.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува повеќе од 1.400 години. Се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, а генерален спонзор е Т-Мобиле.